Вчера престана да чука срцето на претседателот на КУД „Гоце Делчев“ проф. д-р. Стевче Пресилски. Неговото членство во АФ „Гоце Делчев“ датира од далечната 1993 година, а веќе следната година е избран за претседател.
Се нижат години тешки за опстојување на ансамблот, но неговото менаџирање се издвојува како најуспешно во Битола па ансамблот бележи успеси на сите полиња. Се нижат концерти кои стануваат забележителни, но и наградувани. Стигнуваат покани од многу земји од Европа каде се остварени турнеи и се создавани долгогодишни пријателства како мостови на соработка. Награди, плакети, признанија ги полнат витрините на овој ансамбл, благодарение на ентузијазмот кој во ансамблот го всади токму неговиот претседател Стевче Пресилски.
Од таа 1994 година до денес, под раководството на проф д-р. Стевче Пресилски се организирани многу турнеи Австралија, Германија, Шведска, Обединетото Кралство,
Франција, Австрија, Полска, Турција, Украина, Бугарија, Албанија, Чешка, Грција Португалија, Египет, Романија, Молдавија, Шпанија… Во тој период ансамблот се
издигнува високо на пиедесталот на успешноста меѓу аматерските ансамбли и станува препознатлив по автентичните изведби и изворно пренесениот фолклор како и по
стилизираните кореографии кои се чеда на АФ „Гоце Делчев“ – Битола.
Запишани и запаметени ќе останат седумнаесет потполно оригинални кореографии и обичаи. Пред професорот се појавува уште еден голем предизвик а тоа е да се опреми ансамблот и со нови но автентични носии кои ќе допринесат за оригиналноста на изведбите. И немаше предизвик на кој тој не одговори. Ансамблот благодарение на неговите заложби се закити со голем број на комплети на носии кои колоритно го надополнуваат и обогатуваат секој настап.
Признанијата за неговата дејност и заложба пристигаат од земјава но и од странство. Меѓународно афирмирани фестивали ја вреднуваат работата на неговиот ансамбл со највисоки награди. Илинденски денови, фестивалот Пеце Атанасовски – Долнени, но и признанија на општествен план од областа на културата како „Најуспешни битолчани“ – Битолски весник и двапати освоената награда на Општина Битола „4 Ноември“ ја афирмираат неговата работа во овој ансамбл како еден од најуспешните менаџери во областа на културата.
Сепак, она што за него најмногу ќе остане запаметено беше ентузијазмот и љубовта која ја посветуваше во градењето на врските со другите ансамбли, со многуте културни институции и здруженијата на Македонците ширум светот. Тие мостови, поставени на еден единствен темел – љубов кон негувањето на македонскиот фолклор и во иднина ќе сведочат за една голема кауза која во срцето ја носеше овој голем Македонец.