Махира Ахмиш, младата жена која го разнежни Балканот со својата пожртвуваност и грижа за сопругот, кој почина од мултипла склероза во март 2022 година, преку ноќ од хероина стана една од најомразените личности во Босна и Херцеговина, бидејќи се премажи една година по неговата смрт.

Махира Ахмиш од Босна и Херцеговина стана позната во јавноста преку нејзината инспиративна приказна за љубовта и грижата за нејзиниот сопруг Есед, кој со години боледуваше од мултипла склероза, тешка болест која влијае на нервниот систем. Нивната приказна стана симбол на сила и љубов, инспирација во регионот.

Махира толку многу се жртвувала за својот сопруг, што дури и го носела на грб и без ничија помош го симнувала и качувала по скали, пред соседите да соберат пари и да им стават лифт во куќата.

По долгата борба со болеста, Есед почина лани во март, а Махира најде нова љубов и на 1-ви октомври 2023 се омажи за Саладин Хајдарпашиќ. Дека е мажена, таа откри преку Инстаграм, објавувајќи свадбена фотографија на која позира со Саладин. И додека едни ѝ го честитаа бракот и ѝ посакуваа среќа, имаше такви кои ѝ оставија злобни коментари.

Тие ѝ замерија што се омажила по само година и пол, а имаше и такви кои велат дека се преправала дека го сака Есед, па затоа и го заборавила брзо. По бројните критики, Махира гостуваше во емисија и раскажа зошто решила да се омажи, како го запознала сопругот и колку ѝ значи тоа во животот по сите маки низ кои поминала.

„Мојот сопруг е мојата награда за сите години на искушенија кои ги имав. Никој не ме принуди на тоа, сè направив доброволно. Мојот живот може да биде мотивација за другите луѓе. Луѓето сакаат да гледаат драми, кавги, и јасно е дека можат сè да простат, само успех и среќа никогаш“, вели таа.

Махира рекла и дека нејзиниот сопруг е убав и искрен човек, кој освен што ја прифатил неа, ги прифатил и нејзините деца, и ветил дека ќе ги чува и штити.

„Јас не се омажив за пари или за медиумско внимание, туку бидејќи се заљубив и затоа што ми требаше маж кој ќе ми биде и поддршка и семејство. Сè е двојно полесно“, рекла таа.