Израелските сили навлегоа во територијата на Појасот Газа во изминатите 24 часа, соопшти вечерва армијата, пред очекуваната копнена операција во густо населената палестинска енклава. Забележано е дека претставникот на израелските одбранбени сили (ИДФ) за арапските медиуми, во последниот твит навел дека рокот што Израелците им го дале на Палестинците во Појасот Газа да ги напуштат своите домови завршил вечерва во 20.00 часот. Од вечерва прекинат е и интернетот во Газа.

„Во изминатите 24 часа, израелските армиски сили спроведоа рации од локални размери во внатрешноста на територијата на Појасот Газа“ во потрага по терористи кои испукаа ракети кон Израел и опрема, се вели во соопштението на израелската армија.

За време на операциите беа направени напори и за пронаоѓање на исчезнати лица. Армијата потврди дека во Газа се држат најмалку 120 „заробеници“. Во овие операции учествуваа пешадиски единици и тенкови. Израелската војска, исто така, тврди дека значителен број цивили во Газа почнале да се движат кон југ „за да се спасат“.

Досега немаше речиси никакви жртви во Израел од ракетниот истрел од Газа, бидејќи цивилите ги почитуваат наредбите и брзаат кон засолништата кога ќе се огласи алармот.