Веќе девет месеци нема трага од гевгеличанецот Ристо Матков (47), кој последен пат бил забележан во близина на железничката станица во Гевгелија на 14-ти март минатата година.
Но, иако исчезнал уште минатиот март, неговата фотографија и лични податоци беа објавени на официјалната страница за исчезнати лица на МВР дури минатиот месец.
Како што информираат од таму, станува збор за лице со нарушено ментално здравје.
Ристо бил познат по прекарот Матко, бил висок околу 170 сантиметри, тежок околу 95 килограми, со кафеава коса и кафеави очи.
Во време на исчезнувањето бил облечен во сиви тренерки и бели патики.
Граѓаните кои имаат информации за лицето, истите треба да ги достават до најблиската полициска станица или пак да се јават на дежурниот телефон при министерството, истакнато е на страницата за исчезнати.
Нема официјална информација зошто фотографијата и деталите за Матков не биле објавени веднаш штом се случило исчезнувањето, и се чекало да поминат девет месеци.
Во минатото, во повеќе наврти од МВР истакнуваа дека фотографиите се објавуваат во согласност со семејствата на исчезнатите лица.
Се уште не се пронајдени и двете жени кои се во своите четириесетти години, а исчезнаа лани- Злата Јанкова (45) од Свети Николе која исчезна во јуни 2024 година, како и скопјанката Лидија Трајковска (43), која исчезна во ноември 2024 година. Од десети август 2024 година е исчезнат и 40-годишниот Драган Стојанов од Штип.