Младиот фудбалер 21-годишниот Гоце Коцевски го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа. Оваа информација ја објави неговиот поранешен клуб Борец Велес.
Коцевски со својот автомобил излетал на патот Кочани – Три Чешми, на клучката кај селото Спанчево, и починал на лице место.
Освен во Борец, Коцевски играше и во Превалец и во Кул. Борец преку социјалните мрежи испрати последен поздрав до младото момче и сочувство до најблиските.
„Вчера во 09.50 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на експресниот пат Кочани-Три чешми, на клучката за с.Спанчево, патничко возило „фиат стило“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Г.К.(21) од Велес, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на настанот починал возачот, а од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција“, информираат од МВР.