Домати по цена од 250 денари за килограм, а грав од 350 денари се продава пред Велигден на зелените пазари низ Македонија.
Ваквите цени, како што објави економскиот портал Фактор, опстојуваат и покрај мерките на Владата за нивно замрзнување. Одлуката не се почитува, па така и пиперките поминуваат со 250 денари, а краставиците достигнуваат и до 180 денари.
Во маркетите пак производите често ги нема, иако се обврзани да продаваат 70 отсто од количината која ја имале во март.
Двојно повисоките цени ги изреволтираа граѓаните за време на велигденските празници, додека пак продавачите се правдаат дека високи се набавните цени и трошоците.