Шенаси Мислани познат како Шенки Версаче, брат му Мирвет Мислани, како и Абдула Садики и Акиф Мемиши од синоќа се во Шутка како дел од групата Беланоца/Барон.

Со разбивањето на криминалниот клан од Арачиново, се откри кој го нарачал филмското убиство во Шиша бар и под чија наредба биле убиени уште шестмина во изминативе четири години. Сите ликвидации ги извршувал кланот на Фатљум Ајети – Тоте кој од зад решетки го водел нарко-кателот и ги нарачувал убиствата на противниците. Тој се смета за лидер на криминалната Беланоца, а се собрале докази и дека тие стојат зад повеќе обиди за убиства, за кои МВР, додека го раководеше Спасовски со години бараше осомничени.

Во вчерашната акција за еден ден беа расветлени дури 8 убиства, 3 обиди за ликвидација и безброј случаи на изнуди, закани и рекет, повеќе случаи отколку што реши предходното раководство во текот на последните години од владењето.

Во групата од 18 криминалци, освен Тоте се бројат и Гани Туша и Зулќуфли Нуредини- Мали Репки, кои од Идризово останале водачи на криминалните активности на Беланоца/Барон. Крајот на ноември, за Гани Туша се отвори истрага во обвинителството како главен осомничен за ликвидацијата на Орхан Бајрами Оки на лани во јули на Ханиоти.

Огромни пари се кеширале за крвавите пресметки, од 10 илјади до 250 илјади евра за да се ликвидираат „непосакуваните“ во криминалното подземје. Само во оваа акција им биле пронајдени околу половина милион евра, а од бункерите во Чаир и Арачиново кои ги копала македонската армија освен пари нашле злато и оружје. Ова нема да е последна акција на МВР за развибавање на скопското криминално подземје, најави Тошковски, а на удар се сите, па дури и најголемите кланови чии членови за прв пат се најдоа зад решетки.

„Криминалните банди немаат место во нашата држава, а нивните активности нема да бидат толерирани. Најавивме бескомпромисна борба со организираниот криминал и денес покажавме дека можеме сериозно да опстоиме на нашите намери“ рече Тошковски – Министер за внатрешни работи на 16.12.2024.

Сепак, кртови во МВР дојавиле дека полицијата ќе им чукне на врата за многу брзо, па еден од осомничените се дал во бегство 10 минути пред да му стават лисици на рацете.

За тоа ќе има одговорност, рече министерот за внатрешни работи. Пред лицето на правдата ќе се најдат и тие кои што ги викале полициските службеници во партиски штаб за да им диригираат во полициските акции не смеат да учествуваат. (Телевизија Алфа)