Откако автобус удри во продавница во источен Лондон, лекарска помош побарале 19 лица.

Повреден е и возачот кого пожарникарите со помош на специјална опрема морале да го ослободат од седиштето.

Портпаролот на лондонската брза помош изјавил дека пет лица се пренесени во болница – двајца возрасни и три деца, објави Sky News.

Автобусот утрово околу 8 часот и 20 минути на авенијата Селвин удрил во зградата во која се наоѓала електрична трафостаница. На местото на настанот пристигнале возила на Брза помош за што поскоро да им укажат прва помош на повредените.

Училиштето Хајхамс Парк соопштило дека некои од нивните ученици биле во автобусот во моментот на несреќата.

“Сите повредени ученици добија лекарска помош. Контактиравме со родителите на сите повредени ученици. Соработуваме со итната помош и нашиот персонал е на местото на несреќата. Ќе ги информираме родителите за секој понатамошен развој”, соопштиле од училиштето на Твитер.

Сопственикот на локалното кафуле, кој помогнал во спасувањето на патниците, изјавил дека меѓу повредените има неколку учениц кои биле „исплашени и плачеле“.

„Неколку деца беа на подот. Се обидувавме да ги извлечеме децата, а тие беа во паника. Му реков на возачот да излезе, но тој рече: „Не можам, заглавив“, изјавил 38-годишниот Ерик Гарип.

“Се обидов да ги смирам, но тоа беше голем шок за нив. Се качивме горе и им кажавме на децата да излезат, но едното остана на скалите, па го извадивме. Сите беа исплашени и плачеа”, додаде тој.