Поранешниот македонски кошаркар Перо Антиќ вели дека полесно е да се игра во НБА, отколку во Евролигата. Во НБА, како што рече тој, потпишуваш договор и никој не ти прави притисок како играш, додека во Европа се бараат резултати и може „да добиеш само една плата и да се збогуваш од клубот доколку не прикажуваш добри партии“.
– Во нашата држава немам бизнис. За тоа треба да се стигне до некои луѓе. Бизнисите ми се во Србија и Република Српска. Но не зборам за нив Во едната држава е во гранката на рударство, во другата во недвижности, открива еден од најдобрите македонски кошаркари во историјата.
Вели дека донира, но дека за тоа не зборува во јавноста и не сака да се фали. Знае на некому да му купи автомобил, а има и такви, како што кажува Антиќ, на кои им ги доисплаќал кредитите за да им „го олесни живеењето“. Сака многу да части и плата од 100.000 евра, според поранешниот освојувач на Евролигата, може да се потрошат на еден роденден.
– Парите ми донеле многу школа, но и многу проблеми во исто време. Парите може ќе ти помогнат да си купиш што сакаш, но цело време си во неизвесност дали си со вистинските луѓе, прикажува Антиќ.
Кога настапувал за Атланта Хокс во САД негова задача било да го билда тимскиот дух со тоа што секој понеделник ги носел НБА-ѕвездите од неговиот тим на дружење во „steak house“, но откако првиот пат тој лично ја платил сметката, за понатаму ја побарал тимската дебитна картичка.
Тој открива и други пикентерии за односите во македонската кошарка и тоа како е третиран во својата земја. Открива и како дошло до промена на националната кошаркарска федерација што ја води и додавката на името „Северна“.