Пејачот на групата ДНК Владимир Блажев – Панчо пред само неколку месеци, во јули 2024 година, во гостување кај јутјуберот Стефан Лазаров зборува за сопствениците на дискотеки и локали кои пуштаат повеќе луѓе во објектите од нивниот капацитет.
– Се дешава кога има рации и такви работи, ама глеј од една страна сопствениците мора да внимаваат на тоа… не само што треба да имаат обезбедување, ако капацитетот е за две ипол (н.з. илјади) не можеш да путиш пшовеќе. Не дај Боже ќе се случи нешто, он ќе го јаде, вели Панчо во интервјуто.
Инаку, Панчо е еден од преживеаните членови на „ДНК“ и е во стабилна состојба и во моментот не е во животна опасност. Ова го соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ каде што се лекува.
„Пациентот Владимир Блажев-Панчо од приемот до денес се наоѓа во единицата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментот е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем Систина“.
Од болницата нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
„Во ваква исклучително сензитивна состојба во која се наоѓа државата, да не дозволуваме простор за шпекулации и непроверени информации“, велат од болницата по разните вести за состојбата на Панчо, кои главно се шират на социјалните мрежи.
Покрај Панчо, во „Систина“ се лекуваат уште тројца повредени во пожарот, кои се сместени во болнички стационар.