Живеат во Велес, а заработуваат илјадници долари од американски државјани. Млади велешани повеќе од една година преку интернет продаваат банкарски картички, монети и чекови со ликот на Доналд Трамп за кои се тврди дека ќе имаат огромна вредност ако тој стане претседател. Шемата за измама ја открива Радио Слободна Европа. Најчеста мамка се монтираните фотографии на кои Трамп држи картичка со неговиот лик.. Се нудат по цени од 300, а на купувачите им се тврди дека во иднина секоја од нив ќе има по 200 илјади американски долари.. Навидум едноставната можност за милионска заработка, дел од американските државјани ги оставила и без заштедата.
„Ова е кошмар, кога се ќе се собере, во последната година потрошив над 30 илјади долари…..сега ме контактираат со приказната дека треба да платам уште за да не ги загубам досегашните инвестици“, сведочи 86 годишна пензионерка од американската држава Тенеси.
Јавна тајна е дека 20 годишници од Велес заработиле огромни суми преку интернет продажба на картички со ликот на Трамп.. Дел ги ангажирале и родителите да споделуваат реклами. Дека американскиот интернет простор е мета на велешани, сведочат и вработени во ИТ индустријата. Не сакаат да говорат јавно, ама ги откриваат маркетиншките трикови за продажба на картичките.
Доказ за парите кои ги заработуваат велешани има и УЈП. 98 лица од подрачјето на Велес во последните две години пријавиле 11 милиони долари приход од Соединетите амеркикански држави.
Засега ниту американските ниту домашните институции го истражуваат случајот.
И пред осум години во ек на изборна кампања велешани го искористија Трамп за профит. Со над 100 интернет страници споделуваа лажни вести за неговата политика, а на нивните сметки и тогаш легнаа илјадници долари.