Видеото, објавено на интернет во понеделникот, покажува конвој руски воени возила како се движи кон границата со Финска, земја која сериозно размислува да се приклучи на НАТО.

Во видеото, кое на Twitter го објави корисникот OSINTdefender, се чини дека се гледаат возила K-300P Bastion-P, кои се ракетни системи за крајбрежна одбрана.

Кон крајот на видеото од 43 секунди, лицето кое ја држи камерата се фокусира на уличен знак кој дава упатства до Хелсинки, главниот град на Финска.

Видеото е прегледано околу 465.600 пати откако е објавено, а коментаторите велат дека можно е да било споделено како дел од руската пропаганда, пишува Newsweek.

Видеото беше споделено на социјалните мрежи само неколку часа откако Русија го предупреди својот западен сосед да не се приклучува на НАТО.

Според американски официјални претставници цитирани од лондонскиот Times, Финска ќе се стреми да се приклучи на НАТО ова лето.

Естонските и британските власти претходно изјавија за Newsweek дека извештајот е точен. Естонскиот претставник изјави дека Шведска и Финска учествувале на состанокот на НАТО минатата недела.

Финска, која се здоби со независност од Русија во декември 1917 година, долго време се спротивставува на приклучувањето кон Алијансата – дури и во екот на Студената војна.

Но, руската инвазија на Украина, која не е членка на НАТО, ги поттикна Финска и блиската Шведска да ги преиспитаат своите неутрални ставови за воената алијанса.

Кремљ одговори во понеделникот, предупредувајќи ги двете нации да не се приклучуваат на организацијата.

„Во неколку наврати кажавме дека алијансата останува алатка насочена кон конфронтација и дека нејзиното понатамошно проширување нема да донесе стабилност на европскиот континент“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Финскaта премиерка Сана Марин изјави претходно овој месец дека земјата ќе донесе одлука до крајот на пролетта дали да аплицира за членство во НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави за CNN претходно овој месец дека од Финска зависи дали ќе се приклучи на Алијансата или не.