Мајката на Васил Јованов денеска низ солзи на прес-конференција изрази најдлабоко сочувство до семејството на Фросина Кулакова која беше усмртена од нејзиниот син на „Партизанска“ на пешачки премин, објави Слободен печат.

-Сакам да изразам најдлабоко, најискрено, најдлабоко мајчинско сочувство особено до мајката на Фросина. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Како што кажа сопругот, таа вечер се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Мислам дека само тој што има дете би требало за миг да може да се стави и во нашата кожа и да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да има сила да ја издржи оваа загуба и смирение да ја прифати. Како мајка стојам на располагање на другата мајка ако со било што можам на било каков начин да се најдам во овој претежок период. Немам доволно зборови да ја искажам болката и жалењето за се што се случува. Васил по игра на случајот, е наше единствено дете. Имавме друго кое почина на свои 23 часа живот, рече Ана Јованова, мајка на осомничениот Васил.

Запрашана за судијката што на Васил Јованов му определи казнено поправен дом а не затвор, таа рече:

Судијката првпат ја видов во животот во рамките на самата судница на рочиштата и не знам дали била сопруга на мој колега. Можеби е сопруга на поранешен колега, но јас не сум била свесна за тоа. Бог ми е сведок, рече Јованова.

Таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов кој е офицер во АРМ рече дека синот го украл возилото што било на негово име.

-Васил после пресудата иако имаше претходно потешкотии да се откаже од пушење марихуана и немаше други наркотични средства, после пресудата навистина се промени. Како да допре до него нешто, престана да пуши цигари, се фокусираше на теретаната. Навистина ги смени погледите, најде психолог и го посетуваше. Си најде духовен водач во „Св. Јован Бигорски“, бевме таму. Пресудата ги постигна резултатите кај Васил. Не знам дали пресудата, дали притворот, дали целата постапка, но тој се промени, изјави таткото Зоран Јованов.

Тој отфли дека презел протекционистички мерки кон синот.

-Јас немам такви мерки преземано за син ми, ниту пак сум размислувал за тоа, ниту сум имал моќ за таква работа. Ниту пак верувам во неказнивост. Јас 24 години го поздравувам македонското знаме секое сабајле. Водиме во склоп на работата секакви мерки, дисциплински, прекршочни. Апсолутно сум човек што верува во казнивост и одговорност, рече Зоран Јованов.

Мајката на Васил додаде дека кога Васил бил парично казнет за првата сообраќајка, ја разочарала. Тогаш имало материјална штета без повреда.

-Бевме искрено разочарани бидејќи се надевавме дека ќе му биде добра лекција. Посакувавме искрено, да има други реперкусии за да се допре како консеквенца за нештото што го направил. Дури и разочарани бевме а камоли да интервенираме, рече Јованова.

Таткото на Васил, Зоран Јованов мислел дека после првата сообраќајка син му ќе има забрана за полагање.

-Мислевме дека ќе има некоја забрана за полагање зашто Васил беше извозил часови и беше полагал теоретски, на полигон падна. Мислевме дека ќе добие забрана да полага, зашто на полигон падна. Ова мое очекување беше наивно зашто претходно сум немал никаков допир со законот и искуство како функционира правниот систем. Ниту сум барал, ниту сум бил во позиција да барам, ниту сум познавал некого, кај кого да сум се јавел? Дефинитивно не го познавате армискиот систем. Не може човек со фуникциите што ги работам јас да има привилегии, едноставно не може, неспоиви се тие работи, рече Зоран Јованов.

Таткото тврди дека автомобилот е на негово име а Васил го украл.

-Колата е купена во 2016 година поради потреба зашто сопругата работеше подалеку и ѝ требаше за да патува на работа. Правно беше на мое име, де факто сопругата ја користеше. Васил до 18 години не дозволив ни со мене ни со чичко му да вежба да вози верувајќи дека најдобро се учи со часови од почеток. А и не бараше. Кога завршил со часовите со инструкторката, кога помина низ тој процес претпоставувам дека помислил дека знае да вози. И го има украдено автомобилот. Го има украден, рече Зоран Јованов.