Вооружен маж уби неколку луѓе кога отвори оган во универзитетска училница во холандскиот пристаништен град Ротердам и блиската куќа, соопшти полицијата.

Осомничениот, на возраст од 32 години, беше уапсен откако полицијата објави на социјалните мрежи дека пукал во Медицинскиот центар „Еразмус“ во Ротердам и во една куќа. Тие рекоа и дека на двете локации избувнале пожари.

Полицијата соопшти дека нивната екипа влегла во медицинската установа во потрага по осомничениот напаѓач, опишан како висок маж во борбена униформа. Осомничениот бил студент во Медицинскиот центар на Универзитетот Еразмус, каде што се случило пукањето, потврди полицијата.

Најмалку две лица загинаа, потврди полицијата на прес-конференцијата, пренесува Би-би-си. Мотивот на напаѓачот се уште не е познат, изјави главниот холандски обвинител.

Загинаа 39-годишна жена и 42-годишен професор на Универзитетот Еразмус. Началникот на локалната полиција Фред Вестербеке изјави дека и 14-годишната ќерка на убиената била застрелана и тешко повредена. Подоцна и таа починала, пишува АП.

Полицијата потврди дека се ранети две лица. Агенцијата АП, повикувајќи се на локалните власти на местото на настанот, објави дека е повредено и трето лице.

На видеата објавени на интернет се гледа како полицијата ги насочува студентите надвор, некои облечени во медицински наметки, додека тешко вооружени тимови за апсење пристигнале на местото на настанот.

На едно видео се гледа маж со лисици на рацете кој носи камуфлажни панталони.

Два часа подоцна полицијата соопшти дека има уште загинати и дека се известени членовите на семејствата на загинатите. Полицијата соопшти дека нема индикации дека вториот напаѓач пукал, пишува Reuters.