Еден ден по големиот пожар, Универзалната сала во Скопје изгледа постапокалиптично. Ова го сведочи екипа на Канал 5 која утрово беше кај изгорениот објект и направи ексклузивни снимки.
По вчерашните траорни сцени од скопскиот дом на културата во пламен, денеска околу Универзална сала е мирно и тажно. Она што некогаш било исполнето со музика и радост е хаварисано, ходниците и партерот каде седеле граѓаните се исполнети со пепел, сведок дека вчера нешто се случувало остануваат поцрнетата конструкција и љубопитните погледи на минувачите…
Ден потоа како ништо да не се случило, ги нема пламените јазици, го нема чадот, единствено нешто што потсетува на вчерашниот пожар е само миризбата на она што внатре изгорело…
Најдраматично било за граѓаните кои живеат во околните згради и се нашле во опасност. Дел од станарите завршиле на токсикологија поради вдишување на чад, други пак биле евакуирани од страна на полицијата на побезбедно место… Сведок за нивната опасност се растопените ролетни на зградите, поцрнетата фасада и испуканите прозорци од силната жештина…
„Абе друже како не е, вчера син ми цајкани го евакуираа. Се запали Универзална, гореше и бегаа од зградата и не можеа да излезат онде баш покрај Универзална живееме и полицајци со малиот мој, година и два месеци, полицаец го зеде и да избегаат до партизанска… И сопругата и жената која го чува со дијазепами после тоа.“
Дали е тажно Универзална да се види во ваква состојба мислењата кај граѓаните се поделени, дел сметаат дека на ова место треба да се направи детски парк, други пак се сентиментални од спомените во нејзе, од златно славјче и претстави до секакви концерти…
Сепак, не е се така црно и во секоја несреќа има и среќа. Според дел од експертите во областа, пожарот беспари ја завршил работата што ја започнале проектантите… Архитектот Владимир Пота вели нема ништо трагично во случувањето, бидејќи адаптацијата ќе оставела можност тоа да си случи при полна сала. Старото со новото не може да се врзе, а овој објект, вели Пота, конструктивно ја завршил својата приказна…
Тој објект, конструктивно ја завршил својата приказна и не се совпаѓа со идната проектна програма Не постои можност оваа конструкција да се поврзе со старата, а сама по себе кажува дека ќе биде симната куполата и сега слушам направен е тендер да се спушти за пари, пожарот ја заврши работата. Ако останеше таа да се адаптира и се случеше некоја несреќа, што ќе правевме тогаш? Подобро е да биде ново, современо, како што треба, да се критикува да се удира од земја и да се жали она што веќе не е функционално…
Пожарот на Универзална се случи вчера пред 10 часот, работата на надлежните за утврдување на причините е се уште во тек…