Двајца пожарникари биле турнати од големи парчиња лим од паднат покрив од зграда на улицата „Нико Фундали“ додека вчера учествувале во расчистување на хаосот од разлетани и урнати предмети, дрвја и покриви од силниот ветер во Битола. За среќа, пожарникарите поминаа без повреди.
„Во два наврата лимот фрли двајца пожарникари додека се обидуваа да го отстранат од паркингот. Прво беше турнат едниот од пожарникарите, а по десетина минути другиот. Беше навистина опасно да се делува зашто невремето уште траеше, а од силниот ветер околу нас летаа предмети“, вели Горан Димовски, командир на Битолската пожарна.
Силниот ветер кој вчера дуваше во Битола на моменти достигнуваше брзина и до 100 километри на час. Дуваше во текот на целиот ден и вечерта, а стивна дури во утринските часови. Невремето предизвика голема материјална штета, а кај битолчани страв зашто ветерот урна покриви од куќи и згради кои паднаа врз паркирани автомобили, турна огради од градилишта, бандери, откорна дрвја, одрона фасади од објекти и друго.
„При увидот на терен, бев во делот каде беше падната кровната конструкција од зградата и беше ризичлно да се пристапи до огромните плехови лим кои се разлетуваа од една на друга страна. Противопожарната единица веднаш излезе на терен за санирање и сечење на кровните конструкции. До касно вечерта и екипите на Нискоградба работеа на тоа место иако беше доста ризично, а денес беше целосно расчистено“, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Тој додава дека од невремето оштетени се дваесетина автомобили, паднати биле 15 дрвја, имало десетина дојави за оштетени покривни конструкции, а дваесетина за прекин на електричната мрежа. Невремето во Брусничката населба предизвикало дури и дефект во водоснабдувањето, кој денес е отстранет.
Утрово делови од Битола и повеќе села беа без струја, но постепено состојбата се нормализира. Од Електродистрибуција рекоа дека се целосно мобилизирани и без прекин работат на отстранување на дефекти на среднонапонска и нисконапонска мрежа.