Силно невреме, со електрични празнења и дожд, вечерва го зафатија Охридскиот регион.

Како што јавува порталот „Охрид њуз“, во делови од овој регион паѓал и град. За кратко време наврнало голема количина, но во градот не се предизвикани посериозни проблеми.

Обилен дожд и град во делови од државата се најавува и за утре во попладневните часови.

„Претпладне сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, силни електрични празнења и појава на град“, гласи прогнозата на УХМР за утре.

За во недела, пак, се најавува променливо облачно време во претпладневните часови, а во попладневните на повеќе места се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.