За влакно беше избегната трагедија на пешачкиот премин во Карпош 4, каде изминатите години имаше неколку прегазени лица, а велосипедист им подлегна на повредите. Пешак кој поминуваше улица на преминот, еден чекор го делеше за во него да удри автомобил марка „сеат“.
Пешакот ги помина првите две ленти, каде автомобилите застанаа и го пропуштија. Кога стигна на третата лента, пред него „пролета“ автомобилот „сеат“, чиј возач, во обид да избегне директен судир, влета во жардињерите. Возачот и патникот веднаш излегоа од возилото за да ја проверат состојбата на пешакот – кој не беше повреден и по настанот си замина.
Од несреќата, има материјална штета на возилото, во кое поради ударот, беа вклучени и воздушните перничиња. Во истиот момент застанаа и две возила на Брза помош, кои случајно поминуваа, за да видат дали има повредени лица.
Овој пешачки премин е озлогласен изминатите години. Пред три години, таму загина велосипедист. Друг, беше прегазен минатиот септември. И пешак беше прегазен на истото место пред три години.
По несреќата пред три години, медиумите известуваа дека сепак возилата и натаму не застануваат на овој пешачки премин.
Граѓаните апелираат на построги казни и повеќе контроли. Дел од нив се залагаат и за поставување на семафори, бидејќи сметаат дека контролите и казните нема да дадат резултати. Случајни минувачи коментираат и дека ретко поминуваат на овој пешачки премин, од страв дека може да бидат прегазени.