Потврдата за прележан ковид-19 ќе важи 180 наместо 45 дена, а се укинува и одлуката за бремените жени да бидат ослободени од работа со физичко присуство
Владата на денешната седница одлучи да ги усвои препораките од Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-19, а коишто препораки претходно произлегоа и од седниците на Комисијата за заразни болести.
Олеснетите мерки значат:
-Укинување на ковид-сертификатите за влез во трговските центри/молови, но како мерка останува задолжителното носење заштитни маски. Меѓутоа сертификатите остануваат задолжителни за угостителските објекти каде се служат храна и пијалаци, а кои се во состав на трговските центри;
-Потврдата за прележан ковид-19 ќе важи 180 дена (6 месеци) наместо досегашните 45 дена, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест;
-Укинување на задолжителен ковид-сертификат за излез од државата;
-Укинување на одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство. Паралелно, прифатена е пораката бремените жени да се вакцинираат.