Владата најави ваучери за студенти и финансиска поддршка за бизнисите на младите.
– Во Буџетот за 2025 година се обезбедени средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади – соопштија денес од Владата.
Оттаму додаваат дека ваучерот за студентите од 250 евра за купување електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет, а финансиската поддршка до 30.000 евра за младите за отпочнување бизнис значи дека младите ќе можат своите бизнис-идеи да ги преточат во бизнис-планови.
– Преку различна поддршка, мерки и проекти работиме за задржување на младите и студентите, иднината да ја градат во сопствената држава – стои во соопштението.