Учебната година и понатаму ќе почнува на 1 септември, а ќе трае до 17 јуни. Од новата учебна 023/2024 основците и средношколците ќе имаат и пролетен распуст, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). На денешната седница, Владата, на предлог на МОН, одлучи учебната година да почне на 1 септември, а првото полугодие да заврши на 29 декември 2023.

Од 30 декември учениците ќе користат зимски одмор, а второто полугодие почнува на 22 јануари.

„Во периодот од 29 април до 5 мај 2024 година, учениците ќе бидат на пролетен распуст. Учебната година ќе трае до 17 јуни, а летниот одмор почнува на 18 јуни и завршува на 31 август 2024 година“, вели МОН.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на 19 јуни најави дека три предлози се дискутираат со синдикатите за почетокот на учебната година 2023/2024.

„Доколку одлучиме да почне на 1 септември, ќе почне, тоа е петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа ќе биде во средината на септември, не би сакал да зборувам за датуми. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст“, рече Шаќири на 19 јуни.