Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува ново-стариот владика на МПЦ ОА, г. Јован (Вранишковски), се емитува вечерва (30 октомври 2023 г.) од 20:15 часот на МРТ 1

Во новото издание на емисијата „360 степени“, кое се емитува вечерва (30 октомври 2023 г.) од 20:15 часот на МРТ 1, имаме несекојдневен соговорник – до скоро за мнозинството во земјава познат како расколникот Јован Вранишковски, а од неодамна повторно владика на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА). По решавањето на црковниот спор на релација Скопје – Белград или Охрид – Пеќ, автономната црква под закрилата на СПЦ, на чие чело беше Јован, се реинтегрираше во МПЦ ОА и, според договорот, Јован стана митрополит крушевско-демирхисарски. Интронизацијата се случи на 3 септември во црквата „Свети Никола“ во Крушево. Интервјуто го снимивме во битолско Нижополе, на Пелистер, во манастирскиот комплекс „Свети Јован Златоуст“, каде што престојува владиката Јован.

Разговараме за првата средба со поглаварот Стефан по 20 години, за времето поминато во затвор, за неговата здравствена состојба, Нишкиот договор и одлуката да влезе во канонско единство со СПЦ, последната фаза од преговорите меѓу СПЦ и МПЦ ОА, дали МПЦ ОА е призната автокефална црква со томосот од СПЦ, односите на МПЦ ОА со Вселенската патријаршија и очекувањата од неа, односите внатре во МПЦ ОА…

Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.