Невреме со грмотевици го погоди северозападниот дел на Хрватска, а дуваше силен ветер и паѓаше пороен дожд, јавија утринава хрватските медиуми.
На подрачјето на Бјеловар и Копривница, пожарникарите синоќа имаа технички интервенции за отстранување на дрвја и гранки од сообраќајниците, а имаше и повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија, пренесува Хина.
Во Копривница и околината пожарникарите цела ноќ беа на терен и ги отстрануваа последиците од невремето.
Бидејќи ветрот скрши многу дрвја, дел од патиштата беа привремено непроодни.
📸
📸
📸
📸
📸
Можно е невреме во Македонија попладне
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер со брзина над 70 километри на час и појава на град, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степени. УВ индексот ќе изнесува 7.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите повремено ќе бидат и во форма на краткотрајно невреме.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна маса и утре времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер над 70 километри на час и појава на град. Дневната температура ќе се намали за неколку степени.
И во Скопската Котлина ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, повремено и во форма на краткотрајно невреме.