Измамници со лажни повици за сообраќајни несреќи на нивни блиски повторно во обид да изнудат пари од нивните семејства. До телевизија Телма гледачка попладнево пријави дека на нејзините родители кои се повозрасни лица, им се јавило машко лице со приказна дека таа направила сообраќајна несреќа.

Јавувањето било од шестцифрен фиксен број, со скопски повикувачки префикс, на кој кога ѕвоневме од нашата редакција не можеше да се воспостави телефонски повик. Случајот е пријавен во полиција.

Инаку и во минатото имаше вакви случи на лажни пријави на сообраќајни несреќи при што се бараа пари од роднините за нивните блиски да не одговараат за сторената несреќа.

Минатата година имало неколку такви обиди за измами во Штип, а во Охрид, пак, лани беа уапсени измамници од Бугарија за повеќекратна измама на повозрасни лица за сообраќајни незгоди на нивни блиски при што им барале пари, а во 2020 за исто дело се уапсени и двајца измамници во Тетово.