Во БМВ се „длабоко шокирани и изненадени“ од веста за насилната смрт на поранешниот главен дизајнер на Ролс-Ројс, Јан Камерон.
Камерон, 74, бил пронајден мртов во својот дом на 12-ти јули, по напад во неговиот дом во Баварија, Германија, објави локалната полиција. Во моментов уште трае полициската потрага по осомниченото лице.
Сопругата на Камерон, Верена Клос, исто така дизајнерка, успеала да побегне кај соседите и да ги извести полициските служби, стои во соопштението. Нападот се случил во домот на двојката во близина на Хершинг, на езерото Амер.
Инспекторите ја проверуваат можноста дека напаѓачот се обидувал да украде автомобил од скапоцената колкеција на Камерон. Германските дневни весници објавија дека кабелот за системот од камери за надзор на домот бил пресечен.
Камерон си замина во пензија од Ролс-Ројс во 2021 година, откако го смени дизајнот на неколку ултралуксузни модели, што ѝ дадоа нова свежина на марката, по преземањето од БМВ во 2003 година, почнувајќи од Фантом.
„Длабоко сме шокирани и жалиме за веста за нашиот поранешен дизајнер на Ролс-Ројс. Сочувствуваме со неговото семејство и пријателите во овие тешки часови,“ се наведува во соопштението што БМВ го испрати до медиумите.
На Камерон му се припишуваат заслугите за дизајнот на престижниот родстер Зед-8 на БМВ.
Ролс-Ројс посебно ја објави веста. „Јан имаше значајна улога во обликувањето на Ролс-Ројс откако беше преземен од групацијата БМВ и се пресели во својот дом во Гудвуд, во Западен Сасекс,“ наведуваат од компанијата.
Ролс-Ројс ја нагласува улогата на Камерон во обликувањето на семејството модели Фантом, како и на помалиот Гоуст.
„Тој создаде најсовремени автомобили што ги задржаа симпатиите кон дизајнерската низа на марката,“ објави компанијата во соопштението. „Сочувствуваме со неговото семејство и пријателите.“
Извршниот директор на Ролс-Ројс, Крис Браунриџ, го објави соопштението на професионалната мрежа Линкд Ин, и кажа дека веста го „растажила“.
Камерон ја започна својата кариера во Пининфарина во 1975 година, пред да премине во Ивеко. Тој премина во БМВ во 1992 година и остана да работи таму до пензионирањето во 2021 година.
Во БМВ, Камерон има заслуги за дизајнот на родстерот Зед-9, а имаше клучна улога и во дизајнирањето на третата генерација на Рејнџ Ровер, во времето кога марката беше дел од БМВ.
По заминувањето од БМВ, тој работеше како слободен дизајнерски консултант во Јан Камерон Дизајн Партнерс.