Во 2018 година, на почетокот на март, во пресрет на изборите, рускиот претседател Владимир Путин ги претстави новите вооружени и нуклеарни капацитети на Русија, каде особено го истакна проектот за нуклеарни проектили „Сармат“. По тој повод, беше објавена и видео-анимација – која многумина тогаш ја сметаа за стара 10 години – за лансирање на нуклеарна ракета, во која се чини дека проектилот ја погодил Флорида. Имаше оценки дека говорот што го одржа за време на презентацијата беше најборбен дотогаш.

Во тоа време, Путин рече дека војската развила ново нуклеарно оружје што може да ја надмине американската одбрана. Во втората половина од двочасовниот говор, како што објавија тогаш медиумите, тој зборувал за најновите руски воени способности и, како што напиша Vice, не бил конретно јасен кон кого би било насочено оружјето.

Првото оружје што Путин го пофали беше RS-28 Sarmat, тешка интерконтинентална балистичка ракета дизајнирана да испорача нуклеарна бомба насекаде во светот. „Со способност да се надминат системите за противракетна одбрана, овој нов систем може да се користи во сите услови“, рече Путин и го објави видеото на кое на почетокот се прикажани мобилни фрлачи во руската пустина, а потоа проектилот се лансира во воздух и потоа се префрла во компјутерската анимација на истата ракета која лета околу Земјата. Негова цел бил западниот брег на Флорида, објави Vice.

Сега, од друга страна, на социјалните мрежи може да се најде наводна видео симулација, од непознато и непроверено потекло, која покажува како наводно би можел да изгледа „одмазднички“ нуклеарен напад доколку Русија го истрела стратешкото нуклеарно оружје. Автентичноста на снимката и информациите што ги пренесува – вклучувајќи ја и проценката на човечките жртви – во моментов не може да се потврди.

Оваа видео анимација е објавена на X, поранешен Твитер, од корисникот Украина Фронт Лајн, кој на X се претставува како медиумска куќа, односно како „независни граѓански медиуми на Украина/поранешен официјален Твитер (профил) на Меѓународниот секретаријат за односи со јавноста за Штабот на националниот отпор 2014 година“. Во текстот на објавата, корисникот се присетува на анимацијата пуштена како дел од говорот на Путин. „Но, излегува дека оваа игра може да ја играат двајца“, забележал корисникот, без директно да наведе чиј одмазднички би удар бил.

Симулацијата се појави откако Путин повторно зборуваше за можноста за нуклеарен конфликт во неговото последно интервју. Рускиот претседател рече дека Русија се уште е во состојба на борбена готовност и целосно подготвена за нуклеарна војна, но дека во моментов не брза кон тоа. „Од воено-техничка гледна точка, се разбира, ние сме подготвени“, изјави Путин за каналот „Русија-1“ и државната новинска агенција РИА Новости, на прашањето дали земјата е навистина подготвена за нуклеарна војна.

Тој рече дека САД разбираат дека ако Русија распореди американски војници на руска територија или во Украина, тој чекор ќе се третира како интервенција. „(Во САД) има доволно експерти во областа на руско-американските односи и во областа на стратешкото одвраќање“, рече Путин. „Затоа, не мислам дека сите овде брзаат кон тоа (нуклеарен конфликт), но ние сме подготвени за тоа“, додаде тој.

Тој повтори дека употребата на нуклеарно оружје е специфицирана во нуклеарната доктрина на Кремљ, чија политика ги одредува околностите во кои Русија би можела да го користи своето оружје. „Оружјето постои за да се користи“, рече тој. „Ние имаме свои принципи“.

Но, Путин исто така рече дека Русија никогаш не се соочила со потребата да користи нуклеарно оружје во Украина. „Зошто ни е потребно да користиме оружје за масовно уништување? Никогаш немало таква потреба“, рече тој.

Коментирајќи ги зборовите на Путин, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Вашингтон разбира дека тоа значи дека рускиот лидер ја повторил нуклеарната доктрина на Москва, но ја обвини Русија за „непромислена и неодговорна“ нуклеарна реторика за време на конфликтот во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се огласи во четвртокот, велејќи дека САД ги извадиле коментарите на Путин за нуклеарното оружје надвор од контекст. Кремљ објави дека коментарите за нуклеарното оружје што рускиот претседател Владимир Путин ги даде во интервју за државните медиуми не претставуваат закана за нивна употреба и ги обвини САД дека намерно ги извадиле тие изјави од контекст, објави Ројтерс, а пренесе Гардијан.

Портпаролот на Кремљ во четвртокот рече дека Путин само одговарал на новинарски прашања на оваа тема и ги повторува веќе добро познатите околности во кои Русија теоретски би била принудена да користи нуклеарно оружје. Песков, исто така, истакна дека Путин во истото интервју рекол дека идејата за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина никогаш не му паднала на ум.

„Ова беше намерно извадено од контекст. Путин во ова интервју не се закани со употреба на нуклеарно оружје. Претседателот зборуваше само за причините зошто употребата на нуклеарно оружје би била неизбежна. Ова се причините наведени во нашите релевантни документи кои се познати во целиот свет.