Ќе прифатиме да плаќаме и двојна или трикратна дневница, само да ни се дозволи да работиме во недела, е ставот на занаетчиската комора, откако повторно се активира прашањето за законот за недела неработен ден. Велат ние сме во загуби, а во државата се поттикнува сивата економија …
„Не смее да се дозволи занаетчиите да не работат во недела. Но и ние ќе ги почитуваме работничките права и ќе плаќаме и трикратни дневници“, велат од Занаетчиската комора на Македонија, откако повторно се активира прашањето за недела неработен ден. Тие уште при носењето на законот, реагираа дека не е во интерес на малите, микропретпријатија, ниту пак на државата, бидејќи на овој начин сметаат се поттикнува сивата економија. Очекуваат средба со надлежните и апелираат да се слушнат потребите на занаетчиите и граѓаните.
„Ние ќе го почитуваме законот ако треба и тродупло ќе ги платиме нашите вработени, а секој кој е самовработен секогаш ќе го декларира својот промет во својот објект, и затоа мора да работиме бидејќи во недела не може да не работи фризер, автомеханичар, автоелектричар, други дејности и затоа би дал уште еднаш апел законот да запре да се донесе друг“, вели претседателот на Занаетчиската комора на Македонија, Агрон Фазлији.
Според нив треба да се ревидира и олесни регулативата. Да им се дозволи на занаетчиите да работат и во недела, за да го задржат својот приход и да ги задоволат потребите на клиентите.
Од Комората укажуваат дека занаетчиството е значаен дел од економијата и културата и затоа надлежните треба да обрнат повеќе внимание за неговиот развој и поддршка.