Пред два дена, во несреќа во близина на Рилскиот манастир во Бугарија загина Антон Петров викан Хрчак, познат член на бугарското подземје на кого му се судеше за неколку злосторства, јавуваат бугарските медиуми.
Тројца негови пријатели ја преживеале несреќата, обидувајќи се до последен момент да го спасат Петров. И покрај брзата интервенција на брзата помош и неколку амбулантни возила, Петров починал кратко време по инцидентот.
Службата за спасување објави дека спасувачите учествувале во акцијата во саботата вечерта. Околу 20:30 часот бил примен сигнал за сообраќајна незгода со теренско возило, во која возачот е тешко повреден, а неговите сопатници имале полесни повреди.
Во 17:30 часот, кога се качувал по тесен напуштен шумски пат, џипот на Петров се доближил многу близу до работ на тревниот дел, кој изгледал стабилен, но под тежината на возилото попуштил и џипот паднал во стрмна провалија, велат од Спасувачката служба за бугарските медиуми. Џипот неколку пати се превртел паѓајќи од височина од 30 метри.
Веднаш по добивањето на сигналот, десет спасувачи единицата во Благоевград излегле на местото на инцидентот, поделени во две групи, со цел побрзо да стигнат до жртвите. На лице место е утврдено дека возачот на автомобилот, Антон Петров, имал повеќе повреди, по што се онесвестил.
И покрај преземените дејствија од страна на спасувачите и пријателите на Петров, во 23 часот состојбата на Петров нагло се влошила и тој набргу потоа починал.
Повредените се однесени со автомобил до Службата за спасување на планина и предадени на екипи од Центарот за итна медицинска помош во Благоевград. Акцијата траела до 4.30 часот наутро во неделата.
Кој беше Антон Петров викан Хрчак?
Антон Петров – наречен Хрчак, е иконска фигура во криминалниот свет, пишуваат бугарските медиуми. Тој беше неколку пати апсен во изминатите 15 години за тепање, заговор за убиство на полицаец, трговија со жени и изнуда на проституција.
Петров исто така е поврзан со еден од водачите на групата за киднапирање „Наглит“, која беше откриена на крајот на 2009 година. Информацијата дека Антон Петров е од високото ниво на групата дојде една година по почетокот на случајот од тогашниот министер за внатрешни работи Цветан Цветанов. Сепак, Петров не беше обвинет за вмешаност во киднапирањата.
Сепак, тој беше гонет во случајот на рекет и изнуда – „Октопод“. Главен обвинет во него беше поранешниот советник во САНС Алексеј Петров. Единаесет години по операцијата „Октопод“, на 19 јули оваа година, судењето заврши со одлука на втор степен, кога Алексеј Петров и Антон Петров беа ослободени.