Македонската кошарка загуби уште една голема легенда, откако ноќеска, на 60-годишна возраст, ненадејно почина Војислав Зивчевиќ-Тумба (1961-2021), поранешен играч на МЗТ Скопје, Работнички, Кочани Деликатес и Никол Ферт.

Популарниот Тумба, кој важеше за небесен скокач и еден од најатрактивните кошаркари во своето време, кариерата ја градеше во сино-белиот дрес на „металците“, со кој како еден од предводниците во сезоната 1986-87 за првпат го внесе тимот од Аеродром во тогашната Прва југословенска сојузна лига. Со своите игри и пред се борбеност Зивчевиќ се избори и за место во тогашниот „Б“ тим на репрезентацијата на СФРЈ.

Незаборавни се и неговите игри за кочански Деликатес за кој настапи три сезони и Никол Ферт од Гостивар, клуб со кој ја освои шампионската титула. Популарниот Тумба во кошаркарските кругови ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија.

Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните неколку години од својот живот ги мина посветен на својот внук Тео во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син Ненад и ќерката Ивана.

Ова уште една голема загуба за макбаскетот, кој во изминативе две години остана без легенди како Благоја Георгиевски-Буштур, Марјан Лазовски, Драган Василовс-Цевка, Анте Дуковски…