Млада девојка се обиде да си го одземе животот во Охрид, во близина на Каналот Студенчишта кај Билјанини извори, спроти зградата на Езерската полиција. Девојката, плачејќи на глас облечена влезе во охридското езеро и исплива стотина метри. Нашата екипа беше сведок на овој настан и го пријави случајот во полиција, објаи порталот Охридњуз.

Гласното плачење на девојката ги вознемири луѓето кои шетаа на охридскиот кеј, во близина на некогашниот кафе бар „Куба либре“. Додека пливаше накај длабочината, една жена која седеше на блиските клупи на кејот, замина накај зградата на полицијата за да го пријави случајот.

Неколку граѓани немо ја гледаа, а уште една група жени кои се најдоа во близина, потрчаа накај полицијата, а од каде што ни рекоа дека веќе добиле повик од дека млада девојка сака да си го одземе животот.

Полицијата и војската реагираа по неколку минути. И пред полицијата да ја повика девојката да се врати назад, таа полека почна да плива нaкај брегот. „Викајте брза помош“, им рече на колегите еден од полицајците, а девојката сè уште гласно плачеше, но веќе беше излезена од езерото.

Полицајците и војската ја фатија за раце и ја однесоа во зградата на Езерската полиција. Не успеавме да стапиме во контакт со СВР Охрид за повеќе детали за случајот.