Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина во затвор, соопшти Регионалниот оддел за поправни служби.

„На 16 февруари годинава во воспитно-поправниот дом број 3 осуденикот Наваљни А.А. по прошетка се чувствувал лошо, а набрзо изгубил свест. Веднаш пристигнале медицински работници од установата и била повикана екипа на Итна медицинска помош“, се наведува во соопштението.

Во соопштението се наведува дека лекарите се обиделе да го реанимираат, но за жал не успеале да го спасат.

Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија и жесток противник на војната во Украина, одлежа 11 и пол години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Тој ги отфрли сите овие обвинувања како измислени и политички мотивирани.