Директорката на скопска „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, успеа да мобилизира неколку камиони за да собираат смет низ Скопје. Вработените кои протестираат, не дозволија тие да излезат од кругот на претпријатието. Полицијата и раководни лица во претпријатијата се обидоа да ги убедат да се тргнат од портите, но неуспешно.
„Не мрдаме од овде“, „Нека не газат“, „И ние сакаме да живееме“, довикуваа лицата кои седнаа пред капијата.
„Кон нас немате ништо, но мора да се овозможи…“, рече полицаец на вработените, кои пак продолжија да скандираат „Оставка, оставка“, и да довикуваат дека полицијата треба да ги заштити нив, а не раководството на претпријатието. Полицијата се обиде да ги разубеди, но безуспешно.
„Нека даде оставка, одма се тргаме. До седум сабајле, цело Скопје ќе биде чисто. Кога ќе даде оставка ќе се тргнеме“, довикуваше вработен.
Тие ја обвинија Мазнева дека ги понижува и продолжија со барањето за оставка. Камионите кои добија налози и вработените кои сакаа да работат – не можат да излезат од кругот на претпријатието.
Директорката Косана Мазнева се соочи со нив, но наиде на скандирања и негодување.
„Дали вие вечер ќе работите?”, ги праша Косана Мазнева, а тие скандираа „Оставка, оставка”.
„А да влезеш во камион да работиш?”, ги праша Мазнева, на што тие продолжија со скандирање „Оставка, оставка”.
Во претпријатието дојде и засилување на полицијата од специјалци.
Додека бараа оставка, директорката им рече: „Ваше право“, а еден од нив и’ врати: „Ние сме 200 души, ти си една“.
„Дали може да ги легитимирате лицата?“, побара Мазнева од началникот на МВР кој раководи со полицијата распоредена во претпријатието, бидејќи се сомнева дека барикада прават и лица кои не се вработени.
„Сите сме вработени ние тука, за парче леб сме“, рекоа лицата распоредени на капијата од претпријатието.
Работниците од 7 јули протестираат во знак на револт кон раководството поради отпуштените работници, а истовремено бараат зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж.