Силен дожд, ветер и грмежи низ земјава, особено во попладневните и вечерните часови, најави за утре Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Од Управата информираат дека претпладне ќе биде сончево и топло со умерен до засилен ветер од јужен правец, а попладне и во ноќните часови, почнувајќи од запад, облачноста ќе се зголемува.

„Под влијание на атмосферски фронт во сабота попладне и во ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на навреме со интензивен дожд за кратко време (над 20 литри на метар квадратен за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град“, соопштија од УХМР.

Зголемување на облачноста и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и силен ветер за утре е најавено и во Скопје.

Ваквата најава го вклучи алармот кај Водовод и канализација, од каде информираа дека веќе започнале со расчистување на сливниците и шахтите на критичните точки во градот, со цел непречено функционирање на атмосферската канализација.

Од УХМР советуваат во случај на појава на електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Од недела, пак, се очекува посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.