Петранка Костадинова, една од најдобрите македонски пејачки на народна фолк-музика трагично загина во сообраќајна несреќа точно пред 22 години на кобниот 3-ти февруари и тоа речиси во центарот на Скопје.
Пејачката загина откако во неа удрил автомобил во близина на Судската палата во Скопје. Таа беше погребана на гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров.
– Според Министерството за внатрешни работи, Горан Т. (28) од Скопје, кој управувал црвен автомобил “пежо 206” со скопски регистарски таблички, удрил во Костадинова додека ја минувала улицата на пешачки премин. Несреќата се случила во 18.50 часот на пешачкиот премин на крстосницата на булеварот “Крсте Мисирков” и булеварот “Гоце Делчев”, во близина на Судската палата. Пејачката Костадинова претходно во студиото го завршила снимањето на песната со која требаше да настапи на “Гоце-фест”. Додека ја минувала улицата во неа удрило “пежото”, кое се движело со голема брзина, а кое Горан Т. го купил дента. Од ударот Петранка починала на самото место на несреќата. Полициска екипа и истражен судија веднаш извршиле увид на местото на несреќата. Телото на почината било однесено во Институтот за судска медицина. Според очевидци, возачот на пежото минал на зелено светло и не ја забележал Костадинова, која во моментот ја минувала улицата на пешачкиот премин, пишува весникот „Дневник“ на 5-ти февруари 2002-ра година.
Пред да случи несреќата, таа била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната “Мајка“ која требало да ја изведува на престојниот патриотски фестивал “Гоце фест”. Но суровата судбина одлучи поинаку да биде. Според очевидците, возачот не ја забележал Костадинова, која во моментот ја минувала улицата на пешачкиот премин. Петранка загина на лице место. Зад себе во тага ги остави сопругот и двете деца.
Инаку, таа детство го минала во Демир Капија, а потоа од Неготино се преселила во Скопје. Има испеано голем број преубави македонски песни кои и денес на секаде се омилени: “Кирјана”, “Ја излези стара мајко”, “Едно малој моме”, “Трај душо трај”, “Леонид со мајка вечера”, “Две калинки”, “Слушни ја сестро песната”, “Една куќа, две жени”…и најпопуларната “Мајсторе, мајсторе“.
Ќе ја памтиме и како многу скромна личност, со весел карактер, приврзана исклучиво за своето семејство. Нека почива во мир.