Кумановецот Никола Стефановски, возачот кој беше обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот со смртни последици за сообраќајната несреќа во која загина малолетната кумановка Јелена Филиповиќ, денеска призна вина во судница на скопскиот кривичен суд, но не изрази каење за своето дело.

На денешното прво рочиште, Стефановски призна вина за делото за кое се товари и за кое е предвидена казна затвор од најмалку 4 години, пренесува репортерот на „Телма“ од судницата. Сепак, судијата во процесот не одлучил за казната затоа што семејството на загинатата Филиповиќ немаше адвокат кој на рочиштето само доставил откажување на полномоштво од лични причини.

Несреќата се случи лани во јануари на територија на скопски Илинден кога возачот Никола имал 20 години, додека загинатата Јелена била само неколку дена пред полнолетство. Во автомобилот со нив била и Тамара Петковска која била тешко повредена и исто така е оштетена на судскиот процес.

За случајот, пошироката јавност дозна откако гробот на починатата Јелена беше ископан на 11 октомври оваа година на кумановските гробишта, а сандакот и посмртните останки биле преместувани.

Таткото на загинатата пак е во притвор откако во август беше осомничен дека барал платени убијци за да го ликвидираат возачот кој ја усмрти неговата ќерка. Таа истрага се уште е во тек.

Денеска покрај обвинетиот кој се товари за тешко кривично дело во судницата биле дојдени и родителите на загинатата Јелена Филиповиќ. Таткото бил донесен од притвор.