Целиот свет со денови го следеше обидот да се спаси петгодишното дете од Мароко со име Рајан, момчето кое пред 4 дена падна во бунар и за тоа време се бореше за живот пред камерите и очите на целата планета.
Кулминацијата на драмата се случи денеска, кога спасувачките екипи со часови ја копаа со раце земјата што ги делеше од момчињата, за да не дојде до одрон. Милиони луѓе ширум светот и илјадници на лице место во живо го гледаа Рајан како се бори за својот живот, а неговите родители со солзи во очите го чекаа исходот од битката за живот на нивниот син.
Момчето вечерва околу 21.30 часот беше извлечено од бунарот и префрлено во болница, а оваа вест воодушевено ја пренесоа сите медиуми во светот. Меѓутоа, само половина час подоцна пристигна најлошата можна вест дека момчето не преживеало и покрај сите напори на лекарите да го спасат.
Многумина деновиве ширум планетата се сетија на филмот „Saving Private Ryan“ во кој херојот е именуван исто како и момчето од Мароко кое денеска ја обедини планетата.
Меѓутоа, додека ликот кој го игра Мет Дејмон во епскиот филм носи ирско име што значи „мал крал“, момчето од Мароко го носи името Рајан, чие значење на арапски е сосема поинакво и неверојатно се совпаѓа со околностите поради кои цел свет дозна за него.
Имено, на арапски Рајан буквално значи „изгаси жед“, или „да пиеш додека не ја изгасиш жедта (напоиш)“. Човек да се наежи кога името ќе се поврзе со тоа што му се случи на малиот Рајан, момчето падна во бунар и најверојатно умрело од жед чекајќи да го спасат, бидејќи дехидрацијата веројатно била еден од клучните фактори за трагичниот исход.
Иако првите информации беа дека момчето е извлечено од тунелот живо и е во стабилна состојба, а дека починало додека му била укажувана лекарска помош на пат кон болница, сепак според последните информации тоа починало пред спасувачите да успеат да го извлечат, објави доцна вечерва Alarabiya News.