– Доколку сте Хрвати и моментално сте на одмор во Грција, добро сокријте (камуфлирајте) го тоа, не се истакнувајте и не покажувајте од каде сте, особено ако сте на одмор со семејството, е добронамерната порака испратена од Атина до хрватски државјани од страна на Георгиј Мазиас, новинар и директор на грчки дневен спортски весник, пренесува Јутарњи Лист.
Мазиас е навистина загрижен за тоа што се случува во Атина и што потенцијално допрва следува по трагичното убиство на грчкиот навивач на клубот АЕК, со кој Динамо требаше да игра квалификации за Лигата на шампионите.
Грчките медиуми се натпреваруваат во оцрнување на Динамо, нивните навивачи и воопшто на Хрватска откако навивачите на Динамо отпатуваа во Грција и покрај забраната и предизвикаа или беа само дел од хаосот во кој беше убиен несреќниот 29-годишен Михалис Кацурис. Очевидци за грчките портали изјавија дека несреќниот човек бил „крвав однесен“ од местото на хаосот и дека и покрај натчовечките напори на лекарите, тој починал од „неколку убодни рани“.
Како што пренесуваат грчките медиуми, а може да се претпостави дека се објективни бидејќи дел од нив пренесуваат изјави на очевидци, „навивач на АЕК бил избоден со нож од хулигани на Динамо“. Му погодиле артерија во раката, поради што искрварил. Повредата ја предизвикала неговата смрт во болница. Како да не беше доволно што падна 29-годишникот, останатите хулигани го газеа и го удираа со палки по глава додека лежеше на земја, напиша еден портал.
– Ситуацијата се менува од час во час, всушност се менува од минута во минута и постојано се откриваат нови информации – некои реални, а некои непроверени – за инцидентот во кој, за жал, се загуби млад живот. Во вторникот утрото многу новинари отидоа на задача во „Неа Филаделфеја“, делот од градот каде се случи злосторството, а гневните навивачи на АЕК ги нападнаа и им ги скршија камерите. Многумина од навивачите се многу лути и бараат некаква одмазда. Се плашам дека нема да застане тука и дека оваа приказна ќе има продолжение. Можеби не сега и веднаш, но навивачката „култура“ не простува и не заборава, стравува Мазиас, кој ја повтори пораката од почетокот на „приказната“:
– За жал, се чини дека сето тоа не е ограничено само на навивачите на АЕК, инаку „природно“ левичари кои имаат лоши односи со навивачите на Динамо, за кои се вели дека се десничарски. Како што сега стојат работите, медиумите, социјалните мрежи и јавноста несвесно ќе создаваат нетрпеливост кон Динамо и нивните навивачи, но и кон Хрватите воопшто. Сега тоа нема апсолутно никаква врска со фудбалот. Ние во Грција, повторно за жал, секогаш сме под некоја тензија кога е фудбалот во прашање; одвреме-навреме се случуваат слични работи, но ова е прво убиство или смрт што има меѓународен карактер и доби посериозна димензија.
Надежите и очекувањата се дека ништо лошо нема да се случи и нема да биде повреден некој хрватски навивач, но во Атина и во цела Грција е создадена токму таква „клима“.
– Се е сосема лудо, владее вистински хаос. Се разбира, не во конкретна смисла, не се случуваат нови немири, туку во главите на луѓето. Коментарите се изненадувачки негативни, многумина бараат некаква „одмазда“. Се заедно има дополнителна широчина бидејќи приказната вклучува навивачки групи и „структури“ од Србија со кои оние од Хрватска и Грција се или во братски или во „воинствени“ односи.
– Навивачите на Панатинаикос се „добри“ со оние од Динамо, ПАОК се со оние од белградски Партизан, Олимпијакос со Црвена звезда. Нации, религии, „идеолошки предзнаци“ и така натаму и така натаму… Сето тоа заедно веќе нема никаква смисла, заклучи Мазиас.