Денеска на плоштадот Македонија во Скопје, МВР и Црвениот крст на град Скопје со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија организираа показна вежба за превенција од употреба на пиротехнички средства., која е во склоп на кампањата „Петарди НЕ – безбедност пред сè“. На вежбата беа презентирани ризиците од употреба на пиротехника, со цел да се влијае на свеста на граѓаните да не ги употребуваат истите.

Покрај показната вежба на минувачите им беа поделени и информативни флаери за опасноста од користење на пиротехника. На вежбата присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој апелираше да не се користат петарди за време на празниците бидејќи истите може да остават трајни последици по животот на луѓето.

„Петардите не се играчка и нивното користење е строго забрането, а празничното пукање петарди може да биде исклучително опасно по животот оставајќи трајни последици кој може да го запечатат животот на младиот човек“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски информираше дека во рамки на кампањата – „Петарди-НЕ-Безбедност пред се“ во декември биле посетени над 50 училишта кадешто се реализирани 200 презентации, во кој беа опфатени над 6.500 ученици. Спасовски потенцираше дека годишно има 150.000 илјади повредени од користење на петарди од кои 80 посто се деца.

„На светско ниво, годишно има по 150.000 случаи на повреди од користење на пиротехники после кои остануваат со траен инвалидитет, а 80 проценти од нив се деца. Минатата година кај не бил евидентиран ниту еден случај за повреда од користење на пиротехнички средства“.

Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Софија Пејкова ја поздрави успешната соработка со МВР, и како што рече, преку реални примери, учениците биле запознавани со опасностите од користењето пиротехника.

„Оваа кампања е многу значајна бидејќи преку презентација на реални случаи која во изминатиот период биле дел од операциони сали, можевме да покажеме колку е тоа опасно и колку значи за понатомошниот животен тек. Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности“, рече Пејкова.

Генералниот секретар на Црвениот крст, д-р. Саит Саити истакна дека Црвениот крст во пресрет на новогодишните празници, кога се забележува поголема употреба на пиротехнички средства, се приклучува кон кампањата на МВР , насочена кон целокупната популација со цел да се подигне јавната свест за опасностите кои се јавуваат од употреба на петарди.

„Во сферата превенција, нашите волонтери ќе ги нагласат негативните последици кои може да настанат како последици од употреба на петарди, ќе се симулираат повреди кои може да бидат крајно сериозни по безбедноста и здравјето на секоја индивидуа и ќе се приклучиме кон целокупните напори за надминување на употреба на петарди и други пиротехнички средства кои може да предизвикаат сериозни повреди.”, потенцираше Саити.

Министерството за внатрешни работи, само минатата година има запленето над 86.000 парчиња пиротехника, а оваа година заклучно со ноември се запленети околу 21.000 парчиња, а само во последниве 10-тина дека се запленети околу 40 илјади најразлични пиротехнички средства.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, кој е пропишан во македонскиот законик предвидува казна за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.