Хезболах денеска објави дека бројот на загинати од пејџер експлозија во јужен Либан се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, пишува „Тајмс оф Израел“.

По масовната експлозија на пејџери во Либан, се зголемуваат индициите дека зад операцијата стои израелската надворешна тајна служба Мосад. Тајната служба успеала да пресретне пратка со пејџери и да постави по неколку грама експлозив во уредите, објави весникот „Њујорк тајмс”, повикувајќи се на американски и други официјални лица кои биле информирани за операцијата. Хезболах ги нарачал пејџерите од тајванскиот производител „Голд Аполо” (Gold Apollo).

Новинската агенција Ројтерс, цитира притоа и висок по ранг либански безбедносен функционер дека уште во текот на производството била скриена мала количина експлозив во 5.000 пејџери на „Голд Аполо”. „Мосад прошверцувал плоча со експлозив и шифра во уредот. Многу е тешко да се открие ова со какви било средства, дури и со уреди или скенери“, изјавил претставникот на безбедноста. Други извори зборуваат за само 1.000 манипулирани уреди.

Најмалку 12 лица загинаа во експлозиите вчера, а речиси 3.000 беа повредени – вклучувајќи и бројни борци на Хезболах и иранскиот амбасадор во Бејрут.

Тајванскиот производител негира поврзаност

Фотографиите на уништените пејџери, анализирани од новинската агенција Ројтерс, покажале дизајн и налепници на задната страна кои одговараат на пејџерите од „Голд Аполо“. Основачот на компанијата, Хсу Чинг-Куанг, ги негираше наводите дека неговата компанија ги произведувала пејџерите користени во експлозиите. „Производот не беше наш. Само го носи нашиот бренд”, тврди тој.

„Голд Аполо”, за новинската агенција ДПА изјави дека компанија со седиште во Унгарија, „БАЦ“ (BAC), ги дизајнирала и ги произведувала пејџерите. „Според договор, ја овластуваме ’БАЦ’ да ја користи нашата трговска марка за да продава производи во одредени региони, но дизајнот и производството целосно се обработени од ’БАЦ’”, соопшти „Голд Аполо”. Моделот АР-924 споменат во медиумските извештаи исто така го произведува и продава „БАЦ“.

Пејџерите се едноставно и сигурно средство за комуникација

Борците на Хезболах користат пејџери како едноставно средство за комуникација за да го избегнат лоцирањето на паметните телефони од страна на Израел. Според упатените, модифицираните уреди влегле во земјата на почетокот на годината и со месеци останале незабележани.

Според информациите на американскиот информативен портал Аксиос, експлозиите парализирале и значаен дел од воениот команден и контролен систем на Хезболах. Хезболах, поддржан од Иран, најави одмазднички напади против Израел. Израелската војска сѐ уште не ги коментираше инцидентите.