Утрово поминаа 48 часа од исчезнувањето на 14 годишното Вања Ѓорчевска. Министерството за внатрешни работи активно се вклучи во потрагата веднаш по добивањето на пријавата за изчезнувањето на девојчето од Скопје и на нејзино пронаоѓање интензивно работи посебен тим формиран од страна на СВР во Скопје. Министерството за внатрешни работи претходно објави фотографија и опис за Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на државава. За три години во Северна Македонија исчезнале 74 деца.

-ЃОРЧЕВСКА ВАЊА, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје.Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’, пишува во објавата на МВР.

Од МВР истакнаа дека преземаат интензивни мерки и активности за пронаоѓање на Ѓорчевска откако вчера во 08:35 часот нејзината мајка пријавила дека се сомнева дека е исчезната.

Родителите на малиот Петар веќе една година чекаат вест

Родителите на Петар Џобески речиси една година чекаат вест за својот тогаш 10-годишен син кој исчезна на 25 февруари лани во село Врпско, мариовско. Таму бил со семејството да ги проверат пчелите. По Петар, дете со попреченост, околу тешко пристапниот селски предел трагаа полицијата, службени кучиња, дронови, селани и ловџии.

Петар е последното од неколку исчезнати деца за кои не се знае што се случило со нив. Неговата фотографија и сега е на интернет-страницата на МВР, каде се објавуваат основните информации за исчезнати луѓе. Од Петар уште нема ни трага ни глас.

„До овој момент лицето не е најдено. Потрагата продолжува се до негово пронаоѓање“, велат од МВР за Радио Слободна Европа. За секој родител страшно е да го изгуби детето и да не дознае што и како се случило.

„Помислата дека може да го изгубите ваше дете меѓу непознати е застрашувачка, дури и ако трае една секунда. Ми се случи еднаш на плажа да не можам да го лоцирам детето. Го барав неколку минути, ама траеше како цела вечност. Си помислив, што ако го нема за во следните часови, денови..? Сигурно ќе звонам на сите звона“, вели мајка на осумгодишно девојче од Скопје.

Девет деца се уште се водат како исчезнати

Според официјалните податоци од МВР, во последните три години (од 2020 до 27.10.2023) биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати. Кога некој ќе исчезне во Северна Македонија, според досегашната пракса, блиските прво бараат помош од социјалните мрежи. Се објавува апел со фотографија од лицето, податоци каде и кога исчезнал и како бил облечен, телефонски броеви на кои можат да се јават граѓаните ако имаат некоја информација за исчезнатото лице. Од последните три години, најмногу луѓе исчезнале во 2021

Полициската статистика за последните три години покажува и дека најмногу исчезнати луѓе во Северна Македонија имало во 2021 година – вкупно 126 лица, што е значително повеќе од годината претходно, кога за исчезнати биле пријавени 91 лице. Од почетокот на оваа година пак исчезнале 59 лица. По осум уште се трага, останатите се пронајдени.

Кога некој ќе пријави исчезнати лице, МВР веднаш постапува. Не се чека да поминат 24 часа или 48 часа по пријавата.

„Во зависност од информациите со кои располагаме: причините за исчезнување, местото на исчезнување, неговото движење, дали лицето имало намера да ја напушти државата и така натаму, се распишува локална или централна објава, а по потреба и меѓународна објава“, велат од МВР.