Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин денеска гостуваше во утринска програма во која истакна дека полицијата ја проверува секоја пријава поврзана со исчезнувањето на Матеј Периш од Сплит, по кој се трага веќе 22 дена, откако исчезна ноќта меѓу 30-ти и 31-ви декември минатата година во Белград.
„Ние даваме се од себе за да го решиме овој случај и ја проверуваме секоја информација која ќе ни се дојави. И во овој случај имаме и добронамерни и злонамерни луѓе, кои јавуваат. Неодамна нè известија дека исчезнато момче купувало леб во Врачар. Кога проверивме, сфативме дека се работи за сосед, изјави министерот за внатрешни работи во утринската програма.
Вулин зборуваше и за Ненад Периш, таткото на исчезнатиот млад човек и изрази почит.
„Морам да искажам голема човечка почит кон таткото на Матеј Периш, само ставете се во негова ситуација. Дали би имале толку разбирање како тој. Имаше обиди ова да се прикаже како меѓуетнички конфликт. Тоа е навистина одвратно. Ова е безбеден град, никој никогаш нема да те нападне овде поради твојата националност. Белград ги сака странците. Од сите десетици илјади странци кои биле тука за новогодишните празници, нема ниту еден инцидент. Тоа е затоа што Белград сака странци, ние не ги делиме луѓето на национална основа“, рече тој, додавајќи дека е сигурен дека немало насилство внатре или надвор од клубот.
Да потсетиме, Матеј Периш исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември. Кобната вечер тој бил во клубот „Готик“ каде го поминал времето со своите пријатели. Во еден момент го напуштил клубот, а потоа камерите го снимиле како трча, запира такси, а потоа се спушта по скалите кои водат кон Сава.
Потрагата по младото момче во последните недели беше насочена кон реката Сава.