Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин чии сили често се бореле заедно со единиците на Вагнер во Украина, го пофали наследството на Евгениј Пригожин.

– Ние сме пријатели долго време. Често моравме да ги решаваме најкомплицираните прашања – рече Кадиров во подолга објава на Телеграм.

Кадиров го опиша Пригожин како личност која „се издвојува од другите со брзината на реакција, уникатните комуникациски вештини и упорноста“.

– Тој секогаш беше подготвен да помогне и навистина помагаше од срце – додава Кадиров според кого Пригожин е „важна фигура на националната сцена“, тој неодамна „или не ја видел или не сакал да ја види целосната слика за она што се случува во земјата“.

– Го замолив да ги остави своите лични амбиции зад себе во корист на прашања од највисоко национално значење. Сè друго може да се реши подоцна. Но, токму таков беше Пригожин, со неговото цврсто однесување и желба да го добие она што го сака овде и сега – објаснува Кадирв.

За придонесот на групата Вагнер во руската војна во Украина, Кадиров рече:

– Нема сомнеж дека тој даде голем придонес (во специјалната воена операција). И таа заслуга не може да му се одземе. Неговата смрт е голема загуба за целата земја.