Тоше Поп-Симонов не се разбуди во саботата на 19.04, ден пред Велигден. Оваа вест со шок и неверување ја прифатија неговите пријатели и соработници. Си замина генијалниот ум, врвен автор, продуцент и гитарист, човекот со невидена доза на хумор, сестрана личност. Тоа беа дел од коментарите на социјалните мрежи. Сеќавања за него беа споделени и на завчерашната комеморација која се одржа во кино салата Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје. На настанот присуствуваа и неговата сопруга Гордана Попсимонова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, УКИМ Скопје и нивниот единец синот Кристијан, дипломиран актер, пишува порталот Женски Магазин.

Иако болката по сопругот е преголема, видлива на нејзиното лице, Гордана собра сила и успеа да ни открие дел од животот со Тоше.

ЖМ: Смртта е извесна, но неизвесен е нејзиниот час. Многумина ги остави во шок веста дека Тоше нѐ напушти. Што се случи? Бевте ли покрај него во последните мигови, кои зборови си ги разменивте?

– Тоше успеа толку многу пати да ѝ избега пред нос на Смртта, што бев убедена дека така ќе продолжи да ја надитрува, барем, уште четириесеттина години. Смртта, едноставно не беше опција во нашите планови за одмори, за мирни пензионерски денови во кои јас би одгледувала кученца и мачки, а тој рачно би изработувал гитари… Да, имаше здравствени проблеми, беше лимитиран во движењето, му недостасуваа дружбите со неговите бројни пријатели, ама постоеше скоро решение за тие проблеми. Тоше не се разбуди во саботата на 19.04, ден пред Велигден. Поледна која разговарала / се допишувала со него беше сестра му, Жако. Се шегувале, како и секогаш до доцна во ноќта.

ЖМ: Кога ќе изгубиме драга особа треба да помине подолг период на прифаќање на загубата, а потоа треба и да се соочиме со реалноста. Со помош на вашите пријатели организиравте и комеморација во негова чест. Каде ја црпите силата?

– Комеморацијата беше идеја на Перо Камиказа, човек кој по некоја чудна случајност, секогаш бил најблиску во сите премрежија, посебно оние здравствени, низ кои поминуваше Тоше. И за тоа сум му бескрајно благодарна. Благодарна сум му и на Чочо, на Антонио Димитриевски, Драган Б. Костиќ, а посебно на Боле, кој до последен момент беше ангажиран околу содржинскиот и техничкиот дел на комеморацијата. Му благодарам и на Бени за просторот и воопшто за целосната поддршка во реализацијата на овој проект. Им благодарм и на Жако, на син ми, на Љубо, Пума и многу други пријатели, кои обезбедија фото документација, како и на сите оние кои одвоија време и душа да говорат на комеморацијата. Секако, најголема бладарност на сите кои беа присутни. Сила мора да се најде затоа што Тоше, не ретко и по сопствен избор, беше „Човекот во сенка“ на безброј туѓи успеси. По силата на нештата, песната се идентификува со изведувачот. И така треба да биде. Само оние кои се блиски до еден гитарист, композитор, текстописец, аранжер, продуцент, тон мајстор, како сакате наречете ја неговата улога – знаат колку време, нерви, внимание и здравје треба за секоја секунда од една песна која трае три-четири минути. Во случајот на Тоше, кој беше до даска перфекционист, за една песна му беа потребни недели, па и месеци. Сакав да ставам барем еден мал дел од она тоа што го работел пред рефлектор, на виделина. Сега, барем, не може да бега.

ЖМ: Сите статуси на социјалните мрежи објавени од пријателите и соработниците на вашиот сопруг по веста дека нѐ напушти, речиси се идентични кога се опишува неговата личност: „беше генијален ум, човек со неверојатна доза на хумор и исклучителен автор и гитарист“. Како беше да се живее со таква личност, каков беше како сопруг?

– Немам доволно простор, ниту пак време да раскажам преку четириесет години познанство и преку триесет години заеднички живот. Ќе кажам само дека, наспроти востановениот баук дека со бракот завршува љубовта, а посебно слободата, јас почнав да живеам откако се оженив со Тоше. А, решив дека со него ќе плаќам сметки за струја, ќе се репродуцирам, ќе се надградувам, ќе го запознавам светот и ќе се смеам до бескрај – уште од нашата прва средба. Веројатно истото го решиле и други моми, ама јас бев доволно разумна во тој брак да ѝ го отстапам првото место на гитарата. Токму тоа ме праша кога го запросив (да, јас го запросив): „Дали си ти свесна дека во тој брак ќе бидеме јас, гитарата, па ти?“ И да, позната ми е гитарската анегдота „Не дај Боже, откога ќе умреш, жена ти да ги продаде гитарите по цената која си ѝ и ја кажал“. Тука би сакала да кажам дека од нашата куќа, по ниедна цена – ниту една гитара нема да излезе, додека сум јас жива. Може само да се докупи уште некоја.

ЖМ: Вашиот син е дипломиран актер. Дали, евентуално, наследил талент за музика од Тоше?

– Христијан Поп-Симонов, за неговиот петти роденден доби многу професионална малечка гитара, изработена од Бранко Радуловиќ, наречена Кикокастер. Гитарата беше прифатена како нешто неупотребливо, споредено со роботите, лего коцките и сите останати поинтересни нешта. И на тоа останаа напорите да се навлече Кико на свирење гитара. Дури после десеттина години, Кико сам почна да прашува и да се консултира што и како со гитариве (оние големите) и да вежба многу педантно. Тошо тврдеше, до последен момент, дека свири подобро од него. Да се рабереме, за никој друг нема кажано такво нешто. И пак да се разбереме, син му е. Мене ми е драго што Кико фати и од другата ука која имаше татко му да ја даде, онаа околу аудио продукцијата.

ЖМ: Постои ли нешто што посакуваше да го направи периодов, а не успеа?

– Не само периодов, туку од многу одамна, Тошо сакаше да направи свој гитарски албум. Секогаш имаше нешто поитно, нешто што требало вчера да се заврши. Не стаса. Се надевам дека онаму кај што е сега има доволно време и соодветна опрема да си го исполни сонот. Публика има собрано веќе дововолно.