Владимир Туфегџиќ – екс судија од Кривичен суд Скопје, моментно адвокат, во утринската емисија на националниот сервис рече дека самиот факт што осомничените со себе носеле вреќа за спиење покажува дека кривичното дело, односно грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска било сторено со умисла.
Тој рече дека за убиството на девојчето и за егзекуцијата на велешанецот Жежовски, за вакви кривични дела, се изрекуваат максимални казни, односно доживотен затвор.
„Очигледно дека секој од осомничените имал своја улога во овој грозоморен настан и дека тоа било направено со умисла. На девојчето му ги врзале рацете и нозете, па го ставиле во вреќа за спиење. Тоа не се наоѓа на улица, туку мора да го носите со себе со намера да сторите нешто. Така што за ова кривично дело имало умисла. За таткото кој е осомничен законодавецот е јасен, ако се докаже спрега помеѓу таткото и осомничените како директни извршители на кривичното дело, секако дека неговата судбина нема да биде поразлична од онаа на другите во оваа постапка“, вели Туфегчиќ.