По тешка борба со ракот, почина 33-годишниот пејач Том Паркер од музичката група The Wanted, a oваа тажна вест ја сподели неговата сопруга Келси Паркер.

„Нашите срца се скршени. Том беше центарот на нашиот свет и не можеме да си го замислиме животот без неговото заразно смеење и неговата енергична присутност“, стои во нејзината емотивна објава на Инстаграм.

Том ги остави зад себе и двете деца, двегодишната Аурелија и едногодишниот Боди.

На пејачот му беше дијагностициран тумор на мозокот во 2020 година и му беше кажано дека има само 18 месеци живот. Но, храбриот Том живееше подолго од предвиденото, откако помина неколку напорни циклуси на хемотерапија.

Исто така, тој минатата недела објави и дека напишал книга за својата борба.

„Мојата книга не е за умирање: тоа е книга за животот. Тоа е книга за наоѓање надеж во секоја ситуација со која се соочувате“, напиша Том во најавата на Инстаграм.

Во документарецот снимен за неговата болест, тој открил дека се плаши од смртта.

„Малку е да се каже дека сум исплашен. Бев скаменет кога ми рекоа дека немам уште многу време. Не можев да престанам да размислувам за смртта“, рекол тој плачејќи пред камерата.

Том Паркер ѝ се придружи на музичката група The Wanted во 2009 година, која за кратко стана една од најпопуларните машки групи во светот.