Раководството на болницата во Ботошани, Романија, каде што почина младата трудница Александра Иванов (25), реши да ја отпушти лекарката Маријана Питроп, која била дежурна кобната ноќ кога Александра дошла во болницата поради неподносливи болки и крварење.
Одлуката за престанок на работниот однос е донесена по барање на дисциплинската комисија, а откако било констатирано дека лекарката не ги исполнила медицинските обврски, објави романската новинска агенција Agerpres.
– Пред два месеци дисциплинската комисија започна истрага за смртта на Александра Иванов. Во текот на истрагата беше сослушан медицинскиот персонал кој беше на смена на 18.08.2023 година, а согласно извештајот на комисијата станува збор за активности на медицинскиот персонал, поточно медицински сестри, техничари и дежурниот лекар. Што се однесува до техничарите нема да се преземаат никакви санкции, платата на медицинската сестра ќе биде намалена за период од три месеци, а во случај со дежурниот лекар, дисциплинската комисија даде предлог за раскинување на договорот за вработување, изјави директорката на болницата Моника Адашкалитеи.
Против докторката Питроп е покрената истрага и за убиство од небрежност, а се чекаат понатамошни дејствија на обвинителството и другите надлежни органи.
Да потсетиме, Александра, која беше во 13-та недела од бременоста, беше примена во болница на 17 август во вечерните часови поради силни стомачни болки и крварење. На приемот било констатирано дека нејзиниот крвен притисок е висок, дека е анемична и дека бебето повеќе срцева реакција.
По полноќ и ставиле инфузија и ѝ дале седатив, а на нејзините повици до дежурната лекарка веднаш да ѝ се направи киретажа бидејќи не можела повеќе да ја поднесе болката никој не реагирал, ниту пак некој ја посетил.
Утрото на 18 август, нешто по 7 часот, била пронајдена без знаци на живот, а од носот и устата и капела крв. И покрај реанимацијата, смртта била констатирана во 08:20 часот. Обдукцијата покажала дека таа починала од белодробна емболија и срцев удар поради инфекција предизвикана од смртта на плодот.
Младата мајка зад себе остави три деца.