Заев од партиската трибина во Гази Баба прогнозираше дека СДСМ во првиот круг од локалните избори ќе добие најмалку 22 градоначалници, а противничката ВМРО-ДПМНЕ ќе добиела шест градоначалници

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од партиската трибина во Гази Баба рече дека е сигурен оти на претстојните ллокални избори ќе победат, во Гази Баба, Скопје и во поголемиот дел од државата. Тој рече оти е убеден дека во првиот круг од изборите ќе победат 22 нивни кандидати за градоначалници.

„Нека се знае, нека се чуе дури до Турбето од скопскиот кадија, поетот и биограф, Ашик Челеби – Гази Баба, по кој населбата и вашата општина го добиле своето име. Гази Баба гази цврсто, кон уште една чиста, праведна, заслужена и голема победа! И еве вечерва од Гази Баба да ја испратиме и првата проценка за 17-ти октомври на изборите, нашиот политички противник ќе победи во првиот круг во 6 општини, ќе добијат 6 градоначалници, а коалицијата на чело со СДСМ ќе победи во првиот круг со најмалку 22 градоначалници, тоа е 3 и пол пати повеќе. Слушајте ми зборот, добро сум упатен, добро информиран, 22 на 6 во првиот изборен круг!“, рече Заев.

Тој им порача на граѓаните на Гази Баба дека победата ја заслужуваат повеќе од било кој граѓанин на било која општина на Северна Македонија, затоа што во таа општина за четири години се сработело три пати повеќе отколку последните 23 години на ВМРО-ДПМНЕ.