Прерано замина авторката и професорка од Педагошкиот факултет св.Климент Охридски, Симона Палчевска, која почина на само 51 година.
Палчевска важеше за врвен професор, обожаван меѓу студентите, а исто така беше соработник и автор во Просветно дело. Таа починала по кратко боледување.
– Со голема тага и неверување ја примивме тажната вест за прераната смрт на нашата долгогодишна авторка, соработничка и голема пријателка проф. Симона Палчевска.
Сочуството до семејство – стои во објавата посветена на професорката од „Просветно дело“.
Од Палчевска по трагичната вест се простуваа и нејзините пријатели, кои во неверување соподелуваа фотографии и убави зборови за прерано заминатата професорка.
Меѓу нив и професоката Ана Мартиноска, која без криење на емоциите, со многу љубов ја сподели веста за смртта на Палчевска на својот фејсбук профил.
– Како се вели збогум по 37 години споделување на искрено пријателство, големи емоции, безброј спомени и тони насмевки?! Симона моја најмила, оставаш кратер во срцево, но и празнина во светот, без твојата ведрина ќе биде многу помрачно место. Во шок и неверица, знам само едно – очајно ќе им недостасуваш на сите кои макар на миг си ги допрела со твојата ретка и убава душа, особено на нас кои бевме благословени да те имаме за своја – напиша Мартиноска на својот Фејсбук профил.