Коалицијата предводена од Саудиска Арабија денеска почна воздушни напади врз јеменската престолнина Сана и пристанишниот град Ходеида, со намера да ги запре нападите врз нејзините нафтени постројки што ги изведоа бунтовничките Хути, јавија саудиските медиуми, пренесуваат британските медиуми.

Движењето Хути е поврзано со Иран и контролира голем дел од северен Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, а коалицијата наведува дека со воената акција сака да ги „заштити глобалните извори на енергија“.

Коалицијата претходно соопшти дека пресретнала и уништила две беспилотни летала над Јемен што биле лансирани врз нафтените постројки на Саудиска Арабија во Ходеида на Црвеното Море и ги повика цивилите да не престојуваат во близина на кое било нафтено поле или објект во градот.

Хутите вчера соопштија дека почнале со напади врз саудиските енергетски капацитети, а коалицијата предводена од Саудиска Арабија изјави дека е погодена фабриката за дистрибуција на нафтени деривати на нафтениот гигант Арамко во Џеда. Пожар имало во два резервоара, но нема жртви.

Локалната телевизија поврзана со Хутите јави дека коалициските воени авиони извршиле напади врз градот Ходеида и дека летовите се уште се во тек, додека жителите изјавиле дека нападите биле во близина на пристаништето Ходеида, пренесоа британските медиуми.

Исто така, нападнати се и пристаништето Салиф, електроенергетската корпорација и нафтените постројки во Ходеида.

САД со остра осуда за терористичките напади во Саудиска Арабија

– Праќаме остра осуда за неколкуте терористички напади неделава во Саудиска Арабија извршени од Хутите, вклучувајќи го денешниот удар врз постројките на нафтената компанија Арамко во Џеда, а тоа е цивилна инфраструктура, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент.

-Во време кога страните треба да бидат фокусирани на деескалација и обезбедување животно важна помош за народот во Јемен во пресрет на светиот месец Рамадан, Хутите продолжуваат со нивното деструктивно однесување и безрасудните терористички напади со удари врз цивилна инфраструктура, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

Тој додаде дека САД ќе продолжат да работат со саудиските партнери за зацврстување на нивната одбрана и ќе се бара траен прекин на конфликтот, подобрување на животот и создавање простор за Јеменците да ја одредат својата иднина заеднички.

Понбарана вонредна седница на СБ на ОН поради нападите на Хутите

– Саудиска Арабија побара вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за да се осудат нападите на јеменското вооружено движење Ансар Алах, познато како Хути, пренесува Тасс, повикувајќи се на извештај на телевизијата Ал Арабија.

„Во својата порака до Советот, мисијата на Саудиска Арабија во ОН укажува на фактот дека нападите врз Кралството ги вршат Хутите, со поддршка на Иран“, се наведува во соопштението на саудиската мисија во Њујорк.

„Го задржуваме правото да ги преземеме сите мерки за одбрана на нашата територија и го повикуваме Советот за безбедност на ОН да свика состанок за да ги осудиме нападите“, се додава во документот.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија денеска почна со воздушни напади врз јеменската престолнина Сана и пристанишниот град Ал-Худаид, со намера да ги запре нападите врз нејзините нафтени постројки што ги започнаа бунтовниците Хути, јавија британските медиуми.