– Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија најмува „убијци“ од Сирија за да се борат во Украина, откако Москва рече дека на борците од земјата разурната од војна ќе им биде дозволено да им се придружат на нејзините сили.
– Ова е војна со многу тврдоглав непријател … кој одлучи да користи платеници против нашите граѓани. Убијци од Сирија – земја во која сè е уништено … како што прават овде со нас, рече тој во видео обраќање објавено на Телеграм.
Зеленски рече дека Европската унија „треба да направи повеќе“ за неговата земја која е во проблеми, еден ден откако лидерите на ЕУ ги урнаа нејзините надежи за брзо приклучување кон Унијата, пренесува Бгнес.
– Европската унија мора да направи повеќе. Мора да направи повеќе за нас, за Украина, повика тој. „Одлуките на политичарите мора да се совпаѓаат со чувствата на нивните народи“.
– Вчера беше многу важен состанок на лидерите на ЕУ, долг и значаен. Знаеме што кажаа сите лидери на оваа средба, кои зборуваа конкретно, кои не поддржаа, кои молчеа и кои се обидоа да убедат дека формулацијата сè уште е недоволна за Украина, за Европа и за нашата заедничка слобода. Како ја оценуваме донесената одлука? Таа мора да биде покатегорична. Тоа е она што го чекаме“, рече тој.
Според него, огромното мнозинство граѓани на ЕУ се на мислење дека Украина треба да стане дел од Европската унија. „Европејците се свесни за тоа. Одлуката од вчерашната средба на лидерите на ЕУ сега ќе ја разгледува и Европската комисија. За спроведување, за конкретни процедури, ЕУ мора да направи повеќе за нас, за Украина и за себе. Го чекаме тоа“, нагласи Зеленски.